По повод одбележувањето на Денот на обединувањето на Бугарија, вечер во затворениот дел од галеријата на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје ќе биде отворена изложбата „Бугарија од птичја перспектива“.
Фотографиите кои се дел од изложбата за првпат ќе бидат претставени во Скопје, а на отворањето ќе присуствува и поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов.
Изложбата „Бугарија од птичја перспектива“ на авторот Александар Иванов, која содржи фотографии посветени на убавината на бугарските природни и историски знаменитости, е дел од колекцијата на Државниот културен институт при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
За првпат изложбата беше претставена надвор од Бугарија минатата година во изложбениот простор кај Арката на мирот во Милано, а организатор беше Генералниот конзулат на Република Бугарија во Италија. Фотографиите се автентично патување низ живописни предели кои авторот Александар Иванов ги снимил со својот објектив летајќи стотици километри во период од 17 години, односно над 500 часа лет со моторизирана едрилица над различни делови од Бугарија.