На 1 март од 18 часот во Чешки центар во Софија ќе биде отворена изложбата „Бегство од кругот“ на ликовната уметница Петра Јовановска која живее и твори во Република Северна Македонија. Настанот е плод на соработката помеѓу Чешкиот центар, Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Амбасадата на Чешката Република во Софија и и Амбасадата на РСМ во Софија.
Изложбата е специјално подготвена за просторот на Чешкиот центар во Софија.
„За моето претставување во Чешки центар во Софија ја избрав како основна тема комуникацијата со геометриската форма – кругот и неговата симболика. Но, мојот уметнички израз не се заснова само на симболичните карактеристики на геометриската форма, основната намера е да ја насочам уметничката активност кон синтеза на ликовниот јазик и кон еден вид проучувачки приод кон ликовното дело. Кругот како основен мотив во моето творештво не доаѓа случајно. Доаѓа како синтеза на мојата творечка и животна филозофија, на знаењето дека кругот како совршена форма симболизира сѐ за кое како жена и уметник копнеам“, појаснува за своето ликовно претставување Петра Јовановска.
Јовановска е родена во Јесеник, Чешка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, а реализирала над 30 самостојни и над 300 колективни изложби низ целиот свет. Носител е на бројни признанија од ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Република Северна Македонија, Романија, Чешка, Франција и др.