Изложбата „Австриската уметност по 1945 година“ ќе биде отворена утре, 30 октомври, во 18:00 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје.
Изложбата ѝ открива на македонската публика еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвора можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции. Станува збор за избор од 50 слики и неколку скулптури – современи уметнички дела од повеќе автори кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност по 1945 година и денес се дел и од повеќе приватни колекции.
Изложбата, која ќе биде отворена за посетителите до 15 ноември, е во рамките на одбележувањето 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Австрија и претставува една од можностите за доближување на народите на двете земји.