Во Музејот на град Скопје утре (12 септември) во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Никаде некаде“ на мултимедијалната уметница Вања Димитрова.
Ова прво самостојно претставување на Вања Димитрова, кое содржи 21 фотографија во голем формат, резимира неколку етапи од нејзиното долгогодишно творештво во областа на уметничкиот филм, аудиовизуелната уметност и фотографијата.
Вања Димитрова е филмски автор и визуелен уметник. Дипломирала на Академијата „Герит Ритвелд“, на Секторот за аудиовизуелни уметности, и магистрирала ликовни уметности на Институот „Сендберг“, во Амстердам, Холандија.
Во 2020 година таа го прави мултимедијалниот филм „Alone Together“, кој е еден од неколкуте филмови направен во првиот бран на пандемијата КОВИД, снимен во Холандија и награден за најдобар ехспериментален филм на многубројни интернационални филмски фестивали. Автор е на документарниот филм „Заклучени невремиња“, снимен во женскиот затвор „Идризово“ и во Психијатриската болница „Негорци“, и на краткометражниот игран филм „Absence“.
Како филмски автор работи на нејзиниот прв долгометражен филм како сценарист и режисер. Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска-Павлеска. Изложбата и каталогот се реализирани од Музејот на град Скопје, а финансирани од Министерството за култура и туризам.