„Ткаење светови: Колекции во разговор“ е наречена изложбата на дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје кои од денеска ќе бидат изложени во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, Словенија.
Изложбата е конципирана од 87 дела од колекцијата на МСУ, повеќето од македонски автори, како и дела на уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија.
Проектот е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам и е конципиран како реципроцитетна изложба. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ – Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана.
Изложбата е резултат на конструктивен дијалог меѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ – Скопје и колекцијата „Артист 2000+“, како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана.
Изложбата во Љубљана ќе трае до 8 февруари 2026 година. Наесен дел од колекциите на словенечкиот музеј ќе биде изложен во Скопје.