Во согласност со Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 21/24), донесени се нови правилници што се применуваат од 15 март 2024 година.
Врз основа на Законот за употребата на македонскиот јазик, министерот за култура донесе:
1. Правилник за образецот на барањето за полагање на испитот за добивање лекторска лиценца;
2. Правилник за начинот на полагањето на испитот за добивање лекторска лиценца, програмата за испитот за добивање лекторска лиценца и бодувањето;
3. Правилник за формата и содржината на лекторската лиценца;
4. Правилник за формата, содржината и начинот на водење на регистарот на издадените и одземените лекторски лиценци, како и на лекторските лиценци што престанале да важат.
Испитот за добивање лекторска лиценца се одржува еднаш месечно, секој месец, освен во јули. Барањето за полагање на испитот за лектор се поднесува од први до десетти во месецот. На испитот за лектор може да пристапат најмногу до 10 кандидати.
Испитот за лектор се состои од три дела: влезен тест, практичен испит и устен испит.
Кандидатот што не положил влезен тест не може да полага во наредните два месеци во кои се одржува испитот за лектор, а за секое полагање се поднесува ново барање и целата постапка за полагање на испитот за лектор започнува од почеток.
На кандидатот што го положил влезниот тест, а не го положил практичниот испит, влезниот тест му важи само за следниот испитен термин.
На кандидатот што го положил практичниот испит, а не го положил усниот испит, практичниот испит му важи само за следниот испитен термин.
Новите правилници за полагање на испитот за добивање лекторска лиценца може да ги најдете на следниот: ЛИНК