„Златна лира 2024“ – Фестивал на музичките уметници на Македонија

од admin_kult

Од 8 октомври до 9 ноември во Музејот на македонската борба ќе се одржи 18. издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“ во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ).

Оваа година, како што посочуваат организаторите, Фестивалот ќе понуди десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар, на кои ќе бидат претставени дела од македонскиот камерен опус, како и композиции на светски автори.

„Фестивалскиот подиум ќе ги пречека уметниците и камерните состави: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска-Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), триото „АУРА“ (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано). Оваа година, можност да настапат на фестивалскиот подиум ќе имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина)“, посочуваат од СМУМ.

На свеченото затворање на Фестивалот на 3 ноември ќе биде доделена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, а влезот за сите концерти на програмата на Фестивалот е слободен.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе