Со премиерата на четири анимирани омнибус филмови инспирирани од творештвото на Ацо Шопов, во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов вечерва (10 август) во летното кино на Кинотеката ќе започне Фестивалот за европски авторски анимирани филмови „Флипбук филм фестивал 2023“.
Фестивалот, кој ќе трае до 13 август, оваа година е во знакот на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и е под покровителство на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Организаторите информираат дека на фестивалската програма ќе бидат прикажани близу 100 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.
Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година: „Уанлув“ на руската авторка Варја Јаковлева, годинашниот победник на „Анимафест“, номинираниот за „Оскар“ „Трговци со мраз“ на Португалецот Жоао Гонзалез и македонскиот анимиран филм „Безбојно огледало“ на Бесар Илјази.
Во категоријата за најдобар студентски анимиран филм ќе се натпреваруваат вкупно 19 филма од хрватската, британската, унгарската и белгиската школа и два македонски филма, „Нонсенс“ на Ангела Грозданов, дипломски филм направен на Катедрата за анимација на „Еуропа прима“ во Скопје, и „Чил Стејси, Чил“, филм на Тамара Таскова направен на нејзините филмски студии во Словенија.
Голем интерес на досегашните изданија на фестивалот предизвика натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, а меѓу десетте наслови, ќе бидат прикажани наградуваните „Сексуалниот живот на баба ми“ на Уршка Ѓукиќ, „Артефакти за тебе, артефакти за мене“ на Белгиецот Брехт де Кок, францускиот „Бокс Катерс“ на Наоми ван Ниекерк.
Во селекција на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно 19 анимирани видеа меѓу кои и два македонски, на Андреј Марјановиќ и Никола Радуловиќ.