Од 30 мај до 6 јуни, на пет локации во Скопје, се одржува книжевната и творечка манифестација за деца и млади „Млади европски приказни, млади креативци“, во организација на издавачката куќа „Чудна шума“.
На фестивалот учествуваат повеќе македонски автори и илустратори за деца и неколку издавачки куќи, а фокусот на фестивалот се креативните работилници за деца и млади со различни возрасти, промоции, читања и претставувања на книги за деца и млади. Посетителите ќе имаат можност да видат и изложби, камишибаи-претстава и да бидат дел од едно поинакво искуство.
Фестивалот ќе се одвива на пет локации во Скопје: Младинскиот културен центар, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините централни објекти: Библиотека „Другарче“ и Библиотека „Цветан Димов“ (Чаир), како и новоотворената книжарница „Чудна шума“ на улица „Костурски херои“ бр. 19 (веднаш до Универзалната сала).
Работилници ќе држат авторите и илустраторите: Ирина Атанаскова, Небуше Ајети, Наташа Костовска, Билјана С. Црвенковска, Симона Јованоска, Алексеј Костовски, Нита Муча, Доротеј Нешовски …
Настанот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура, МКЦ и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.