Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на „ТАВ констракшнс“, Фатин Кан, и претставници на Националниот џез-оркестар извршија увид во почетокот на реновирањето на просторот доделен на НУ Национален џез-оркестар.
– Ја исполнивме обврската да најдеме трајно просторно решение за Џез-оркестарот. Го остваривме ветувањето за нов дом на установата и покажавме дека се грижиме за македонските уметници и за условите во кои тие работат – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура рече дека Џез-оркестарот секојдневно ја потврдува важноста на своето постоење, ги оправдува очекувањата и го потврдува реномето на репрезентативен музички ансамбл кој ја афирмира македонската култура во државава и надвор од неа.
Министерката за култура информираше дека на околу 500 квадратни метри ќе имаме најсовремени услови за работа на Оркестарот, со просторија за проби, магацини за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија и сето она што е неопходно за квалитетно творештво. Со проектот, како што додаде Костадиновска-Стојчевска, комплетно се реновираат подните и ѕидните површини и плафоните, а се поставува и нов систем за ладење и греење.
Вицепремиерот Битиќи, честитајќи го почекот на работите, подвлече дека досега со ТАВ и „ТАВ констракшн“, Владата има одлична реализација на сите проекти од ТАВ-програмата, што дава доверба дека и овој проект, како и другите, ќе биде завршен квалитетно и навремено.
– До овој ден, речиси 70 проекти се реализирани од ТАВ-програмата, ни остануваат уште 23 проекти да ги дореализираме. Вкупната вредност е 49,7 милиони евра, а како што кажа и министерката за култура, овој проект, новиот дом на џезерите, „куќата на џезерите“, доби од Владата над 11 милиони и 700 илјади денари, од кои 10 милиони се средства од ТАВ-програмата, преостанатите од Министерството за култура – истакна вицепремиерот Битиќи.
Просторот на НУ Национален џез-оркестар се наоѓа во подрумскиот дел на Националната опера и балет и почна да се адаптира по потпишаниот Договор меѓу вицепремиерот Битиќи, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска и претставниците на ТАВ и „ТАВ констракшнс“, пред два месеца.