Заменик-министерот за култура, Даим Лучи, во Софија се сретна со заменик-министерот за култура на Република Бугарија, Чавдар Георгиев, во пресрет на изложбата „105 години Требениште“, што вечерва се отвора во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
Оваа изложба е продолжение на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија – Скопје и Заводот и музеј – Охрид.
„Изложбата ни покажа колку е вредна нашата соработка во регионот зашто преку артефактите презентирани овде, на меѓународната заедница ѝ претставуваме целосна успешна приказна за еден исклучителен локалитет кој зборува за цивилизацијата на ова тло во шестиот и петтиот век пред нашата ера“, рече заменик-министерот Лучи.
На средбата тој додаде дека со поддршката од двете министерства е обезбедена реализацијата на оваа изложба. „Ова е пример како со соработка можеме да направиме нешто за пример во регионот и во европски рамки“, додаде Лучи.
Стана збор за искуствата околу организирањето на овој комплексен проект што се реализира во трите држави и предизвикува голем интерес кај јавноста, како и за традиционално добрите односи во културата меѓу двете земји.
Програмата за соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е темелен акт за интензивна комуникација во овој ресор, а се потпишува меѓу двете министерства, е обновена во 2022 година. Беше потенцирано дека за континуитетот во билатералните односи во културата голема заслуга имаат културно-информативните центри, македонскиот во Софија и бугарскиот во Скопје, кои се средиште на многубројни настани од сите области што ги поврзуваат културите на двете земји.
Заменици-министрите Лучи и Георгиев разговараа за насоките во спроведувањето на програмските цели на меѓусебната соработка и ги истакнаа успешните примери, како што се: изложбата „105 години Требениште“, соработката во хорската дејност, потоа соработката во визуелните уметности и повеќето изложби низ градови во Бугарија, како и соработката во музичката дејност со учество на фестивали од различни жанрови. За афирмација на соработката во културата, беше истакнато дека се од големо значење учеството на бугарски поети на Струшките вечери на поезијата, многубројните преводи на книжевна дела на двата јазика и поттикнувањето на творештвото.
На средбата беше истакнато дека двете министерства продолжуваат со промоција и поддршка на цврстите врски што се постигнати во театарската и во филмската уметност, што поттикнува и меѓународна презентација на уметноста на двете соседни земји.
Заменици-министрите за култура на двете земји разговараа и за иницирање соработка меѓу Пловдив и Скопје пред претстојната манифестација „Скопје – европска престолнина на културата“, по успешните искуства што ги имаше Пловдив пред пет години.
Заменик-министерот Даим Лучи упати покана до својот колега и до министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, да присуствува на отворањето на изложбата „Сребрена Тракија“ следниот месец во Скопје.