Во Офицерскиот дом и во киното „Манаки“ во Битола денеска и утре се одржува форумот на УНЕСКО – Креативни филмски градови, на тема „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“.
На отворањето на форумот присуствуваше и заменик-министерот за култура Даим Лучи, кој во своето обраќање истакна дека дискусијата дава одлична можност да се разговара за актуелно прашање како што е родовата еднаквост во аудиовизуелните медиуми.
„Иако се вели дека добрата уметност нема род, сепак е значајно да се отвори и оваа дискусија поради тоа што кога се споменува филмската индустрија, честопати се мисли како на ’машки свет‘. Во нашата држава жените авторки со својата работа ги менуваат овие стереотипи, а во последните години тие се едни од најголемите промоторки на македонската култура во светски рамки“, рече заменик-министерот Лучи.
Тој додаде дека имаме многубројни добитнички на реномирани награди на филмските фестивали во светот, што е за голема почит и изрази уверување дека овој тренд ќе продолжи и во иднина, а жените авторки ќе го освојат местото што го заслужуваат и ќе имаат уште поголема поддршка од филмскиот сектор.
„Учеството на нашата држава и на Битола во мрежата на УНЕСКО на креативни градови за филм“, рече заменик-министерот, „е од витално значење за вреднување на културата како место за промоција и отворање многу нови можности за соработка во филмската уметност.“
Честитајќи им на организаторите, Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ од Битола, Лучи потенцираше дека Министерството за култура во континуитет ги препознава и ги вреднува нивните напори и посветеност за зголемување на соработката меѓу градовите во областа на филмската уметност.
Во рамките на програмата на форумот, денеска беа прикажани и долгометражните играни филмови „Враќање“ на режисерот Кастриот Абдили и „Втора шанса“ на режисерката Марија Џиџева.
За време на форумот беа вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса, Лоѓ, Потсдам, Ваљадолид, Гдиња, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис-секторот кои работат во аудиовизуелните медиуми, како: Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Македонската радио-телевизија, телевизија „Телма“ и други.
Форумот има исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 21 град кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.