Многубројни гости од Тирана, од јавниот и од културниот живот, дипломати од повеќе земји – од Германија, Јапонија, Велика Британија, од Франција – се собраа во петокот вечерта во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана на отворањето на изложбата на Зоран Кардула.
Изложбата ја отворија заменик-министерот за култура на Република Северна Македонија, Даим Лучи, амбасадорот на Република Северна Македонија во Албанија, Данчо Марковски, како и директорот на КИЦ – Тирана, Златко Ориѓански.
Заменик-министерот Лучи на отворањето посочи дека оживувањето и промовирањето на уметничките и културните вредности во странство останува една од заложбите на Министерството за култура.
Делата на Зоран Кардула, еден од најреномираните македонски современи уметници, графички дизајнер, кој веќе 20 години ја привлекува јавноста со својата естетика и актуелност, добија нова потврда за нивната вредност, што се манифестираше со реакциите на публиката. Специјалитетот, крушевски локум, и атмосферата со диџејот Узун Баба беа дел од автентичноста на вечерта за што се погрижија директорот на Македонскиот КИЦ, Златко Ориѓански, и уметникот Кардула. Изложбата ќе биде отворена во следните неколку месеци.
Во рамките на работната посета на Тирана, заменик-министерот Лучи, освен со својата колешка Мери Кумбе, заменик-министер за култура на Албанија, се сретна и со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај. На состанокот, кој беше пријателски и конструктивен, се разговараше за координирање на младинските и на културните активности, како и за создавање мостови на комуникација и соработка во областа на културата и младите.