Во фоајето на Националната опера и балет вечер ќе се одржи ексклузивен гала-настан со наслов „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.
Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини. На ексклузивниот гала-настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано-придружба: Андреј Наунов. Режисер на настанот е Дејан Прошев.
Во фоајето е поставена изложбата „Пучини низ историјата на МОБ“ со дела од богатата архива на Националната опера и балет.
– Како институција, имаме одговорност да ја негуваме уметноста и да ја пренесеме на идните генерации. Посветени сме да ја збогатиме културната сцена во земјата преку репертоар и настани приспособени за сите возрасти. Овој настан претставува кулминација на нашата годишна културна понуда и можност за дружење со уметниците и креативниот тим на Националната опера во извонредна атмосфера – велат од Националната опера и балет.