Поетот Жан Пјер Симеон од Франција е добитник на наградата „Златен венец“ за оваа година, соопшти денеска професорката Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.
На свеченоста во Македонската академија на науките и уметностите на Светскиот ден на поезијата, за фестивалот говореа професорката Шелева и директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
Наградата ќе му биде врачена на лауреатот на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинашното издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 22 до 26 август.
Шелева во своето обраќање посочи дека Жан Пјер Симеон е поет со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски домени.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година, што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“.
Директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, рече дека оваа година ја обновуваат и наградата „Млада Струга“ што ќе се доделува за необјавен поетски ракопис на млад поет или поетеса. Покровител на наградите „Енхалон“ и „Млада Струга“ оваа година ќе биде Делегацијата на ЕУ, преку Европската куќа во Струга – најновата членка на мрежата на Европска куќа.