Еден од бисерите на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет (НОБ) на 19 февруари со почеток во 20:00 часот.
Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква” од Виктор Иго, ќе биде изведена под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, сценографијата и костимографијата се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Феб ќе настапи Франциско Хименес Руиз (Шпанија), во улогата на Флер де Лис, Симона Колиштркоска, улогата на Гудула ќе ја игра Саша Евтимова, која оваа година одбележува 25 години уметничка дејност како истакнат балетски играч, педагог и кореограф.
Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.