Проекција на 10 видеоуметнички дела од македонската уметница Тања Балаќ, по повод 10 години создавање на полето на видеоуметноста, ќе биде одржана вечер во Кинотеката на РС Македонија.
Како што наведуваат од Кинотеката, станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму.
Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, каде што во 2008 година и магистрира. Членка е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка.
Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност. Остварила повеќе самостојни изложби, а учествувала и на многубројни групни изложби во земјава и во странство. Нејзини експериментални филмови имаат добиено меѓународни награди, меѓу кои и во: Италија, САД, Велика Британија.