Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камераоператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“ режиран од Елеонора Венинова.
„Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје, неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата „17. Queer Lion“, а филмот премиерно ќе биде прикажан на годинашното отворање на Фестивалот „Браќа Манаки“.