На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска ќе бидат доделени наградите за најдобар превод „Драги“. Настанот е во рамките на јубилејното, 10. издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ 2024.
Жири-комисијата во состав д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи финалисти со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на „Антолог“, 2024 година; Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, 2024 година; Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, 2023 година; Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“, 2024 година; Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, издание на „Паблишер“, 2023 година.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка од Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуета „Драги“, како и од паричен дел во износ од 30 000 денари. Во рамките на настанот ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачот Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик