Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб вчера се одржа литературната манифестација „Денови на македонска литература за деца 2023“.
На манифестацијата беа презентирани монографија и литература за деца како императив во десетгодишното работење на „Едука мак“.
Програмата за оваа манифестација е богата со настани и програмски активности што ќе се реализираат и во текот на денешниот ден.
Во рамките на манифестацијата, која ќе трае до 11 ноември, меѓу другото, учесниците ќе посетат една детска градинка и ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе го посетат Македонското културно друштво „Охридски бисер“ и ќе разменат искуства, а ќе остварат и средби со хрватски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата „Интерлибер“, при што ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.
Како што соопштија организаторите, преку проектот „Денови на македонска литература за деца 2023“ во КИЦ на РСМ во Загреб се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатување на културната размена меѓу Северна Македонија и Хрватска. Планирано е да се потпише Меморандум за меѓусебна соработка со цел размена на лиценци и превод на книги за деца на хрватски и на македонски јазик.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.