30 април е прогласен за Меѓународен ден на џезот во 2011 година од страна на УНЕСКО. Идејата потекнува од џез-пијанистот Херби Хенкок, кој е амбасадор на добра волја на УНЕСКО.
Овој ден се одбележува со концерти, работилници, едукативни програми и јавни настапи во над 190 земји, обединувајќи ги заедниците, училиштата, уметниците и ентузијастите во целиот свет. Џезот ја слави културната разновидност, промовира мир и меѓукултурен дијалог, поттикнува родова еднаквост и ја истакнува слободата на изразување.
Оваа година централната прослава на Денот на џезот ќе се одржи во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати. Настанот ќе биде предводен од легендарниот пијанист Херби Хенкок и воден од оскаровецот Џереми Ајронс, а ќе настапат низа најреномирани џезисти во светот, меѓу кои: Курт Елинг, Диди Бриџватер, Маркус Милер, Артуро Сандовал, Данило Перез и други.
Кај нас централниот настан по повод Меѓународниот ден на џезот ќе се одвива на две локации: паркот „Ибни Пајко“ и Македонскиот народен театар – Скопје, во организација на Националниот џез-оркестар.