Министерството за култура категорично ги демантира информациите пренесени во дел од медиумите дека министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја затворила Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово за да го даде просторот под закуп.
Ваквите неточни информации се манипулација со јавноста и искривување на вистината.
Министерството за култура и самата министерка во повеќе наврати информираa дека во тек е адаптација на новите простории на НУ Библиотека-Тетово, кои се во истиот објект во кој досега беше сместена установата, а тоа е Центарот за култура во Тетово.
Во координација со вработените од Тетовска библиотека, и по разните премерки на просторот, беше одлучено Библиотеката да се премести во нови простотии во истиот објект со што доби 100 метри квадратни повеќе простор од оној што досега го користеше, простор кој сега се адаптира, и затоа институцијата за краток период е затворена за јавноста.
Просторот се реновира и осовременува со што и книжниот фонд ќе биде сместен по соодветни стандарди. Новите простории во целост ќе ги задоволат потребите на вработените во установата и на читателите.
Министерството за култура повторува дека е ова привремено решение за Библиотеката во Тетово, за која се гради целосно нов и современ објект, и дека сите одлуки што ги носи се со цел да се подобрат условите за работа на институциите.