Во Националната галерија во Прага денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“.
Станува збор за изложба со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност од Скопје, која е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донираше на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.
– Вака конципирана изложбата за првпат беше отворена во април минатата година во престижниот простор „Кунстхале Виена“, еден од најголемите европски културни центри. Поставката за солидарно Скопје, со дела што светски познатите уметници му ги подарија на МСУ по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во Виена ја видоа над 75 000 илјади посетители, а само на отворањето над 1000. Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која опфаќа повеќе од 5300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј – велат од МСУ.
Оваа изложба претставува еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ – Скопје и е дел од одбележувањето на јубилејот 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.