На спортските терени на ПОУ „Тодор Јанев“ во селото Мелница, Општина Чашка, вчера се одржи првата „Мелничка иселеничка средба“ 2023.
На отворањето на манифестацијата во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски, како и многубројни гости од Швајцарија, Германија и Турција, заменик-министерот за култура Даим Лучи, во своето обраќање истакна дека „Мелнички иселенички средби“ не се само собир на граѓани за да се потсетиме на минатото, да се сретнеме со роднините и пријателите туку се и можност да споделиме идеи за подобар живот од искуствата стекнати во светот.
„Печалбарството навистина оставило траги во повеќе делови од нашата земја, особено во Мелничкиот крај каде што голем број од жителите познати по градителската традиција, независно од причините за заминувањето од родното место, го граделе и го градат својот нов дом во европските земји Швајцарија, Германија, како и во Турција. Затоа, со одржувањето на „Мелничките иселенички средби“, подаваме рака за заедно да ги негуваме и да ги унапредуваме културните врски и да соработуваме на проекти од заеднички интерес, за доброто на сите“, истакна Лучи.
Тој додаде дека ова е можност младите да се поврзат со своите корени, да се потсетат на јазикот, традицијата и обичаите, но и да изградат нови мостови со земјите во кои живеат, потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности.
Во рамки на културно-уметничката програмата на манифестацијата настапија повеќе културно уметнички друштва, интерпретатори на традиционална музика, а беше промовиран и документарен филм за село Мелница.
Првата „Мелничка иселеничка средба“ се реализираше на иницијатива на Здружението на граѓани за граѓански иницијативи МЕЛ-МЕЛ 2023 Мелница – Чашка, заедно со МАК МЕЛ – Швајцарија, и со поддршка на Министерството за култура и Општина Чашка.