„Градот како сцена: Пловечки универзитет“ од 5 до 7 декември

од admin_kult

Предавање, работилница и перформативна театарска тура изведувана по улиците на Скопје, на уметничкиот проект „Градот како сцена: Пловечки универзитет“, ќе се одржи од 5 до 7 декември на неколку различни локации.

Тридневниот уметнички проект почнува в четврток (5 декември) во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што од 10:00 до 19:30 часот ќе одржат јавно предавање Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет).

Вториот ден (6 декември) од 16:00 до 20:00 часот, на тема „Иднината на киното во Железничката зграда“, ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје/ Лабораторија за просторно изведувачки практики, што ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси.

Шетачката тура од отворен карактер „Градот е јавност #1“ ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12:00 до 18:00 часот. Турата е замислена како театарски перформанс во четири чина и е предводена од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски. Перформативната шетачка тура почнува во 12:00 часот од Студентскиот дом „Гоце Делчев“, вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет, третиот дел почнува во 15:00 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Куратор е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска.

Продукцијата е на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамките на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“.

Проектот е организиран во контекст на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“, заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултетот за работи што не се учат – ФРУ и музејот „Eesti Kaasaegse Kunsti“ (EKKM), финансиран од Европската Унија.

Проектот е поддржан од Институтот ГЕТЕ – Скопје , Програмата за култура на Амбасадата на Швајцарија во Македонија и Министерството за култура и туризам. Поддршка дадоа и Албанскиот театар Скопје, Националната опера и балет и Општина Центар.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе