Управата за заштита на културното наследство во рамките на своите активности го промовираше богатото културно наследство што го поседуваме на еден од најпрестижните саеми за археологија и туризам – 26. Медитеранска берза за туризам и археологија во Пестум Италија.
На саемот беа презентирани ексклузивни публикации во издание на Управата за заштита на културното наследство, како и виртуелна прошетка низ повеќе археолошки локалитети и цркви од земјава (Стоби, Хераклеја, Стибера, Цареви Кули, Бонче, Билазора, Виничко Кале, како и најпознатите манастири Зрзе, Трескавец, Курбиново; Шарената џамија и други), кои, благодарејќи на соработката со невладината организација Концепт за култура Скопје, ѝ беа отстапени на УЗКН за овој настан.
Македонскиот изложбен дел го посетија високи претставници на италијанскиот дипломатски кор, претставени од амбасадорката на Северна Македонија во Ватикан, Марија Ефремова, поранешниот амбасадор и голем пријател на нашата земја, Масимо Белели , претставник од Министерството за култура на Италија и директорот на Медитеранската археолошка берза, Уго Пицарели.
Инаку, на саемот учествуваа над 40 земји од светот со кои Управата оствари контакти за понатамошна соработка во делот на заштитата и промоцијата на богатото културно наследство што го поседуваме.