Оркестарот на „Фаме’с институт“ вечер, 15 јули, со почеток во 20:30 часот, во камерната сала на Филхармонијата ќе одржи ексклузивен концерт со светски познатиот виолинист Веско Ешкенази, кој е и концерт-мајстор на еден од најдобрите оркестри во светот – „Концертгебау“ од Холандија.
На концертот Ешкенази ќе настапи како солист и диригент, а ќе биде изведена програма со композиции од А. Вивалди и П. И. Чајковски.
Како гостин концерт-мајстор и ментор на оркестарот на овој концерт ќе настапи и виолинистот Евгени Ноев од Бугарија. Концертот се реализира во соработка со Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје.
Европскиот оркестарски изведувачки институт „Фаме’с“ претставува музички образовен центар којшто е создаден во рамките на компанијата „Фаме’с“, која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Институтот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа, на полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Паневропски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE).