Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечер (31 мај) во 20:00 часот гостува Куклено-драмскиот театар „Иван Радоев“ од Плевен, Република Бугарија, со дуодрамата ,,Еден маж и една жена“.
За време на гостувањето во Куманово, директорот Сашо Тодоровски и директорот на Театарот од Плевен, Димитар Кабаков, ќе потпишат меморандум за соработка меѓу двете институции – Театар Куманово и Театар Плевен.
„Со меморандумот се предвидуваат заедничка соработка, проекти, гостувања и можност за размена на актери кои би гостувале во заеднички претстави. Предвидено е и возвратно гостување на Театарот од Куманово во Плевен кон крајот на оваа или во почетокот на идната година“, информираат од Центарот за култура – Куманово.
,,Еден маж и една жена“ е комедија за две лица кои ја бараат среќата и смислата на животот преку нивните заеднички задоволства. Два карактера кои постојано се во потрага по нови возбудливи нешта. Актери во претставата се: Мариета Калапова и Георги Ангелов.