По изведбата на претставата „Татко“ од Ф. Зелер, во режија на Ненад Витанов, со која беше отворено годинашното издание на Фестивалот „Ристо Шишков“, претставите „Едвард Втори“ – според Кристофер Марлоу, режија Андриј Жолдак, и „Нема струја за електричниот стол“ – текст на Александар Секулов, режија Дејан Пројковски, учествуваат на еден од најзначајните театарски фестивали во Р Бугарија – фестивалот „Сцена на крстопат“ во Пловдив, кој оваа година се одржува по 27. пат. Претставите беа изведени на фестивалскиот репертоар на 14. и на 15.9.2023 година на големата сцена на Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“.
Претстојната фестивалска изведба на претставата „Едвард Втори“, копродукција со Драмскиот театар во Пловдив и прв дел од проектот „Манифест“, е третата премиера на оваа претстава, по онаа во рамките на фестивалот „Охридско лето“ и онаа на домашната сцена.
На крајот од месецот, пак, претставата „Синиот портокал“ ќе биде изведена во рамките на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово. Претставата „Татко“ гостува во ЦК Гевгелија, а претставата „Елегија во пет здива“, авторски проект на Филип Петковски, патува на фестивалот „Еуроталиа“ во Темишвар, Р Романија, со закажана фестивалска изведба на 30.9.2023.
На театарскиот репертоар, покрај премиерата на „Едвард Втори“, предвидени се изведби на претставите: „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, и „Сара“ од Катерина Момева, во режија на Елеонора Теова, а Театарот се подготвува за претстојното, јубилејно, дваесетто издание на ИФАД „Стоби“ во првата половина на следниот месец.