Во мобилната/монтажна галерија на Центарот за современи уметности – Скопје, во Паркот на франкофонијата, на 15 септември, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Химна сред урнатини“ од Ѓорги Митревски.
− Изложбата „Химна сред урнатини“ се навраќа кон најстариот ликовен израз на претставување акт, познат од вазното сликарство на античкиот свет, и не ги прикажува само еротичноста и сексуалноста на телото, туку, по примерот на антиката, го претставува телото како симбол на убавината, благородноста и плодноста − информираат организаторите на изложбата. Оттаму додаваат дека галериската поставка има цел да ги поттикне посетителите да ја преиспитаат својата перцепција на голотијата: галеријата обезбедува засебен простор каде што ќе биде овозможено личното искуство на соголување – сите заинтересирани посетители ќе имаат можност пред фотографскиот објектив да артикулираат содржини со своето тело.
Ѓорѓи Митревски се занимава со фотографија, колаж, ситопечат и анимација и досега има реализирано повеќе самостојни изложби дома, но и во странство.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура.