На Градскиот плоштад во Крива Паланка в недела (25 август) во 20:00 часот ќе биде изведен музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ – 12 македонски патриотски песни во изведба на 12 познати македонски изведувачи, со нови современи аражмани од композиторот Николче Мицевски, на „Скендеровски продукција“.
Кривопаланчани ќе можат да уживаат во македонските музички бисери од доајените на македонската народна музика во интерпретација на: Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски, ДНК, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Мина Блажев, Марија Спасовска, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски.
− Следува извонредна музичка вечер на „Кривопаланечко културно лето“ и „Крива Паланка – град на културата“ со преработките на: „Налеј, налеј“, „Заветна“, „Земјо македонска“, „Народе македонски“, „Послушајте патриоти“, „Ој Вардаре македонски“ и многу други што, според Скендеровски, ја прегрнуваат Македонија со најубавите звуци – аманет од генерациите пред нас – информираат од манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.