Во КИЦ – Софија ќе се одржи „Вечер на македонски свити и фантазии“

од admin_kult

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер (20 ноември) со почеток во 18:30 часот ќе се одржи настанот „Вечер на македонски свити и фантазии“ на Љупчо Коскаров (труба) и Дарко Мариновски (пијано).

Македонските професионалци и педагози ќе претстават свити и фантазии, композиции од Љупчо Коскаров, создадени врз основата на македонскиот фолклор.

Настанот ќе се одржи во присуство на академикот и почесен амбасадор на мирот, д-р Зоран Пејковски – новиот директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

На програмата се делата: Налеј, Налеј – свита, Чифликот – фантазија, Македонска свита – свита, Тиквешки марш – свита, Дафино – фантазија, Деспина – фантазија, Виртуозни варијации – фантазија…

Љупчо Коскаров има реализирано голем број музички настапи и проекти во речиси сите музички жанрови: класична, џез и поп-музика, на меѓународната и на домашната сцена. На домашниот фестивалски подиум, тој е редовен гостин на сите значајни фестивали. Од 2010 година работи како професор на ИУ „Еуропа Прима“ во Скопје, каде што во 2018 година е избран во звањето редовен професор, а во 2019 година е избран за декан на Факултетот за музика при истиот универзитет, функција што ја извршува до денес.

Пијанистот Дарко Мариновски (Скопје, 1974) дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистерските студии ги завршува на истата институција под менторство на проф. Јасмина Чакар. Од 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во јануари 2009 година е избран за декан на Факултетот за применета музика при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ИУ „Еуропа Прима“, функција што ја извршува до 2017 година. Во 2016 година е избран во звањето редовен професор на ИУ „Еуропа Прима“. Во богатата концертна биографија на Дарко Мариновски се запишани многубројни настапи и уметничка соработка со реномирани музички уметници, на концертни и фестивалски подиуми во државава и надвор од нејзините граници (Рим, Париз, Вашингтон). Aвтор е и на применета музика на неколку краткометражни филмови, како и на музиката за театарската претстава „Косара“ од Загорка Поп Антовска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе