Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Бугарија, денеска (10 мај), со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи концертот „Музиката нема граници“ на Младинскиот оркестар при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Оркестарот, кој е формиран во 2020 година и функционира под уметничкото раководство на Александар Митрички, се претставува со македонска популарна и рок-музика, преработки на македонски евергрини и народни песни. Во програмата на Оркестарот се застапени популарни музички композиции, џез-преработки на познати македонски народни песни, како и песни од кумановскиот крај.
На концертот ќе настапат: Петар Штерјовски – хармоника, Никола Стојковски – бас гитара, Филип Стојковски – гитара, Јован Цветковиќ – клавијатура, Иван Михајловски – кахон, Анастасија Филиповска – вокал, Мима Младеновска – вокал, Филип Гелевски – вокал.