Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул, Турција, вечер (14 ноември) во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Град“ на младиот автор Рафаел Ристовски.
Изложбата свечено ќе ја отвори директорот на КИЦ во Истанбул, Рамадан Рамадани.
Како што информира авторот, на изложбата ќе бидат претставни дигитални фотографии изработени во техниката дигитална фотографија со манипулација.
– Во уметноста, ставот на уметникот и гледачот секогаш се формира од убавината и уникатноста на природата, врската со која луѓето постојано ја разбираат. Разбирањето на убавината на природата и урбаната околина и односот на уметникот кон светот се рефлектира во жанрот на градски пејзаж. Урбаниот пејзаж може да генерализира и да носи широко значење, тој е упатен до сите, бидејќи сите сме вклучени во светот на градот и природата – нагласува Ристовски,
По отворањето на изложбата, ќе следува и пијано-концерт во изведба на Јасмина Трајческа.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.