Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Хрватска, вчеравечер беше претставен проектот „Македоникум“ со музика од Давор Јордановски во изведба на „Ин медиас рес“ при уметничкиот центар „Полифонија“ од Скопје.
Пред концертот се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, и амбасадарот на РС Македонија во Хрватска, Н.Е. Милаим Фетаи, кои истакнаа дека со овој настан официјално започнува зимската сезона на програмата на КИЦ, која ќе биде исполнета со многубројни културни настани во интерес на продлабочување на културните врски меѓу Хрватска и Македонија и подигнување на нивото на културната дипломатија на Македонија.
Концертното претставување на овој проект беше уникатен спој на врвни македонски изведувачи и музика напишана во класичен стил каде што се комбинираат културни музички влијанија од повеќе делови на светот со познати македонски мелодии.
Во Загреб настапија: Сања Шуплевска – виолина, Марија Јаќимовска – флејта, Сашка Стојанов Крстиќ – виола, Орце Ицковски – фагот и Давор Јордановски – пијано.
„Македоникум“ е свита од македонскиот современ композитор Давор Јордановски што ја започнал уште во далечната 2002 година, а ја завршил во 2014 година. Ја сочинуваат 12 пиеси за мешан ансамбл (виолина, флејта, кларинет, фагот и пијано) врз основа на легендарни македонски мелодии, како: „Македонско девојче“, „Кољо“, „Милица“, „Анѓа“, „Касапско оро“, „Чалгии“ и др.
Во својата 20-годишна активност, уметничкиот центар „Полифонија“ презема активна улога во реализацијата на проекти од повеќе стилови кои привлекуваат различни типови публика (експериментална, едукативна, џез и премиери на класична и барокна музика), залагајќи се за новина и разновидност што ги продлабочува уметноста, наследството, искуството и презентацијата.