Во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Загреб, Хрватска, се одржа настан по повод одбележување 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Настанот беше организиран и одржан како резултат на соработката меѓу КИЦ на РС Македонија во Загреб, КИЦ на Град Загреб и Одделот за јужнословенски јазици при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Беа прикажани два македонски филма – „Катастрофа, страдања, надежи“, дело на писателот Славко Јаневски, и „Мементо“, дело на познатиот македонски режисер Димитрие Османли.
„Филмовите се инспирирани од настаните за време и по земјотресот во Скопје во 1963 година. Филмовите беа со хрватски титлови за кои се ангажираа проф. Ивица Баковиќ, кој го направи преводот, и водителот на филмската програма на КИЦ на Град Загреб, режисерот Бранко Иштванчиќ. Со помош на Кинотеката на РС Македонија беше обезбеден филмот Мементо. Од проф. Ивица Баковиќ и студентите по македонски јазик беше подготвен дополнителен промотивен материјал кој покрај информации за филмовите, содржи и примери од македонската литература кои се инспирирани од земјотресот“, информираат од КИЦ во Загреб.
Оттаму додаваат дека овој настан е во знак на солидарноста која е дел од симболиката на градот Скопје уште од далечната 1963 година и е реализиран со помош и личен ангажман на сите гореспоменати личности, кои се значајни во хрватската и во македонската и стручна и поширока јавност.