Во КИЦ во Загреб одбележана 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

од admin_kult

Во рамките на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Амбасадата на Македонија и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека, организираа пригоден настан.

Присутните на настанот ги поздравија г. Горан Божиновски, вршител на должност во македонската амбасада во Загреб и директорката на македонскиот Културно-информативен центар, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска.

Во рамките на настанот, лекторката по македонски јазик Биљана Стојановска Ѓуриќ, ја претстави работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и на Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.

Настанот беше збогатен и со „Вечер на македонска поезија“, проект на издавачката куќа „Восток“, при што беа претставени современи македонски поети со цел запознавање на хрватската читателска публика со современите текови на македонската поезија. Авторите Сузана В. Спасовска, Михајло Свидерски, Ферди Булут и Владимир Илиевски читаа на македонски јазик, а на хрватски јазик нивната поезија ја интерпретираа студентките Лаура Катарина Лукач и Ингрид Шпорер од Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.

Македонскиот КИЦ во Загреб за овој настан подготви и репрезентативна пригодна изложба, со наслов „Македонска книжевна стерна“, на публикации поврзани со македонскиот јазик и неговата кодификација, како и публикации од авторите учесници на поетското читање.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе