Во Центарот за култура во Дебар, традиционално, по дваесетти пат, синоќа беше отворен фестивалот „Албански театар во а Северна Македонија“. Фестивалската програма започна со претставата „Проклетите“ од Олса Пошка, во режија на Гент Чајани, во изведба на актерите од Тетовскиот театар.
Директорот на фестивалот, Илбер Нуредини, информираше дека во следниве денови ќе се претстават театарот „Темпули“ и Албанскиот театар од Скопје, како и театрите од Драч и од Корча, Албанија, и од Урошевац и од Приштина, Косово.
На фестивалот ќе биде презентиран документариот филм „101 улога, 102 живота“ кој содржи фрагменти од уметничкиот живот на актерот Бајруш Мјаку, по сценарио на Решат Камбери, а во режија на Филип Херин, по што ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка.
Зинче Мимидиноски, директор на Центарот за култура – Дебар, информираше дека како и секоја година, институцијата дава целосна поддршка за реализација на фестивалот „Албански театар во Северна Македонија“, а така ќе остане и понатаму. Тој додаде дека вратите на Центарот за култура – Дебар секогаш ќе бидат ширум отворени и за сите културни настани и културни работници.
Манифестацијата се одржува со поддршка од Министерството за култура.