Врвниот македонски гитарист, композитор и музичка легенда, Влатко Стефановски, со два концерта на 9 и на 10 мај во Македонската филхармонија, ќе ја одбележи својата импозантна 50-годишна кариера.
Покрај најавата за концертите, вчера пред јавноста беа претставени и неговите најнови винилни изданија за „Кроација рекордс“, како и персонализираните гитарски жици од светски познатата компанија „Thomastik-Infeld“ од Виена, кои од неодамна го носат неговиот потпис. Новиот албум „Лондонска сесија“ (London Session) Стефановски го сними во музичкото студио „Аби роуд“ во Лондон.
Инаку, освен Стефановски, на сцената публиката ќе ги види и: српскиот музичар Момчило Бајагиќ-Бајага; пијанистот Дамир Имери, кој гостуваше на балканските концерти на гитаристот; македонскиот кларинетист Горан Бојчевски, кој живее во Словенија; Иван Кукиќ; Јан Стефановски, како и триото „Струмица“ како придружен вокал.