Писателот Владимир Јанковски за својот роман „Скриени желби, немирни патувања“, вечерва во 20.30 часот во Младинскиот културен центар ќе ја прими наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Книжевната награда годинава се доделува по 22. пат, а издавач на наградениот роман е „Антолог“ од Скопје. Наградата се состои од плакета, оригинална статуета и паричен износ од 150 илјади денари.
За лауреатот одлучи жири-комисијата во состав: Оливера Николова, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на Фондацијата, Катерина Богоева.
Книгата на Јанковски е национален претставник и за меѓународната книжевна награда „Балканика“. Поради пандемијата, свеченоста ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври.