Францускиот кинематографер Бруно Делбонел е добитникот на наградата „Златна камера 300 за животен опус“ на јубилејното 45. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола.
Бруно Делбонел е еден од најголемите живи мајстори на филмската камера, кој во континуитет ја создава визуелната убавина на филмот. Наградите и номинациите се само уште една потврда за творечкиот опус на Бруно Делбонел: шест номинации за Оскар, четири номинации за БАФТА, две награди на престижното Американско друштво на кинематографери и три номинации на Друштвото, награда на Европските оскари и уште многу други.
Делбонел првпат е номиниран за Oскар во 2002 година за филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“, но пред тоа, во 2001 година на фестивалот во Карлови Вари освоил Кристален глобус за овој филм.
Во 2005 година Делбонел повторно бил номиниран за Оскар за филмот „Многу долга свршувачка“, а во 2010 година за „еден од визуелно најефективните филмови“ од серијалот за Хари Потер, „Хари Потер и полукрвниот принц“.
Наградениот кинематографер на годинешниот „Браќа Манаки“ има номинации за Оскар и за филмовите „Внатре во Левин Дејвис“, „Најмрачен час“ и „Трагедијата на Магбет“.
Се очекува годинава во чест на јубилејното 45. издание на „Браќа Манаки“ да присуствуваат досегашни добитници на наградата „Златна камера 300 за животно дело“.