На сцената на Националната опера и балет утре, 27 септември, со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена современата балетска бајка за сите возрасти „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев.
Приказната за „Пепелашка“, преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ, на нашата сцена ќе ја пренесат: Наташа Трендафилова Гицев (Христина Наќевска), Игор Веланоски, Саша Евтимова, Ангела Богатинова, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Костимографијата е на Катерина Радошевиќ Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски. Дизајнот на звук е на Георг Драушник (Хрватска), додека дизајнот на светло е на Милчо Александров. Асистенти кореографи се Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија), репетитори се Саша Евтимова и Дафина Данилоска-Кочевска, а асистент костимограф е Ангела Богеска.
Според кореографот Илиќ, оваа поставка на „Пепелашка“ не е класична верзија туку е создадена во еден посовремен контекст. „Нашата ’Пепелашка‘ ја сместивме во една целосно поинаква временска рамка, во 70-тите години на минатиот век. Поточно, во време на популарноста на филмот ’Брилијантин‘, со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа се поигравме со нашата ’Пепелашка‘ во тоа време“.