Македонската актерка Сара Климоска е избрана за една од дестте европски откритија – Европски ѕвезди во во подем 2021 на Европската филмска промоција.
Европската филмска промоција се одржува во рамки на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа.
Оваа година 24. издание на European Shooting Stars, ќе се одржи дигитално во периодот од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. издание на Берлинале, додека официјалната церемонија за доделување на наградите за European Shooting Stars ќе се случи во Берлин во јуни 2021 година, кога ќе се одржува и дел од програмата со проекции на филмовите на фестивалот.
Во оваа престижна селекција, Сара Климоска е избрана заедно со уште девет актерки имиња од Германија, Ирска, Литванија, Португалија, Унгарија, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов „Лена и Владимир”, во продукција на Минд Продукција.
Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, што е завршен минатата година, но се уште не е прикажан.
Во меѓународната организација Европска филмска промоција, каде што членува и Агенцијата за филм, учествувале многу познати актери од Европа. Од нашата држава дел од оваа програма биле Благој Веселинов во 2019 година, Наташа Петровиќ во 2011 година и Лабина Митевска 1998 година.