Вечер, 18 јули, во рамките на 64. издание на Фестивалот „Охридско лето“ ќе се одржи традиционалната Австриска вечер.
По тој повод, во малиот изложбен салон во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Калиопе: Жените во општеството, културата и науката“.
Во катедралната црква „Св. Софија“, пак, со почеток во 21:00 часот концерт на класична музика ќе одржи квартетот „Арпеџо“ од Виена.
Квартетот „Арпеџо“ го сочинуваат Леонард Фурда и Јохана Лакроа на виолина, Ентони Гилберт на виола, како и Мара Ахлајтнер на виолончело. Вечер со нив ќе настапи и харфистката Тина Жердин. На програмата се дела за виолина, виола, виолончело и харфа.