Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 14. издание ќе се одржи од 17 до 24 август во Скопје и по тој повод на 10 август, на платото пред Младинскиот културен центар, се одржа прес-конференција на која беше објавена комплетната фестивалска програма. На прес-конференцијата се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“, и Сара Ферро, координатор на МакеКоПроДокс форумот.
– Четиринаесетото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи под мотото #пресечи (#cutit). Во фокус ја поставуваме монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на 4 локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар, Даутпашин амам и нашето ново летно кино во Сули-ан. Најавуваме богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости, професионалци од документарниот свет – истакна Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Отворањето на фестивалот е на 17 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“. Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.
– Монтажата како процес на работа и барање на повеќеслојност во филмската документарна приказна е во фокусот на овогодишното издание, а по тој повод и Земја во фокус одбравме да биде Данска. Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот – рече Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.
Со проекција во рамките на главната програма на 21 август во Куршумли-ан ќе се одржи македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација. Од 10 август е отворена можноста за онлајн купување на билетите.