Фестивалот „Охридско лето“ 63-тиот роденден ќе го прослави со Фадо музика, традиционална Португалска национална песна со извонредниот вокал Жуана Амендоира од Португалија придружувана од уметниците Педро Амендоира на португалска гитара и Жуао Фелипе на фадо-гитара.
Концертот ќе одржи на сцената на Долни Сарај во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.
Според директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ програмата на „Охридско лето“ за роденденот 4 август веќе по традиција нуди несекојдневни доживувања, настани кои по својот уметнички квалитет и атрактивност се издвојуваат од вообичаените програмски содржини.
Селекторката на музичката фестивалска програма, Бисера Чадловска, рече дека досегашниот тек на фестивалското издание поминало со исклучително квалитетни настапи на светски познати музички уметници, како и млади уметници кои се на прагот на создавање успешна кариера.
Сања Арсовска, одговорна за драмската програма пак посочи дека рекордниот интерес за понудените претстави, е потврда на квалитетот и сериозноста во понудата на театарската фестивалска програма.
Што се однесува до вечерашниот концерт на Долни Сарај, станува збор за настап на една од најрелевантните претставнички на тн. „нова генерација Фадо-уметници“, која денес се вбројува во ретките и препознатливи изведувачи на португалската национална песна.