Скопскиот џез-фестивал одлучи наградата за најдобар млад македонски џез-музичар, што традиционално се доделува секоја година, оваа година да му ја додели на инструменталното скопско џез-трио „Зулу 3.4“.
Наградата, всушност, како што велат оттаму, им се доделува на сите негови членови еднакво, односно на: Дамјан Даневски (тапани), Марио Симоновски (гитара) и Мартин Џорлев (клавијатури).
„Ова е нивна година. Својот уникатен, оригинален звук, присутен на нивните три албумски објави, успешно го изнесоа на многубројни концертни подиуми дома, но и во странство, освојувајќи искрени симпатии кај музичките новинари и публиката“, велат од Скопски џез-фестивал.
„Зулу 3.4“ е инструментален бенд од Скопје формиран во март 2018 година од тројца џез-ентузијасти, чија цел е преку фузија на различни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена. Иако станува збор за релативно млад бенд, досега имаат реализирано многубројни настапи, а се потпишуваат и зад три авторски изданија: „FM to AM “, „Expandability“ и „Fragments“.
Наградата ќе им биде врачена денеска (13 октомври) пред нивниот настап во Младинскиот културен центар во рамките на 41. Скопски џез-фестивал.