Со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење.“, вчеравечер во киното „Фросина“ започна третото издание на „Скопски поетски фестивал“.
На отворањето настапија: Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето беше придружено со музичка импровизација на дувачки инструменти во изведба на Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.
Претходно, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, поетот и универзитетски професор од Малта, Имануел Мифсуд, одржа работилница за креативно пишување поезија, а во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, пак, се одржа читачка промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а во издание на ПНВ Публикации.
Годинашното издание на Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и од „Традуки“.