„Читаj jа Македониjа!” е насловот на манифестацијата која, во рамките на Деновите на македонската книга, од денеска до 14 април ќе се одржува во Москва, Руска Федерација. Манифестацијата ја организира Олга Панкина, македонистка и преведувачка од Русија, а финансиски ја поддржува Министерството за култура.
Во рамките на проектот „Читај ја Македонија!“, а по повод 100-годишнината од раѓањето на големиот македонски културен деец Блаже Конески, во Московскиот дом на националностите ќе се одржи промоција на книгата „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”, а ќе биде најавена и новата поетска збирка „100 песни на Блаже Конески во препев на руски јазик”.
Освен делата на Блаже Конески преведени на руски јазик, ќе бидат претставени и најновите изданиjа на книги од македонски автори преведени на руски јазик на Центарот за книга „Рудомино” и издавачката куќа „У Никитских ворот”.
Центарот за словенски култури при Серуската државна библиотека за странска литература ќе организира и собир посветен на творештвото на Блаже Конески на кој ќе учествуваат преведувачи, литературни критичари, слависти, писатели и новинари. На собирот ќе бидат разменети мислења поврзани со превод на книжевни дела од/на словенски јазици, а со цел привлекување млади преведувачи.
Целта на проектот е зголемување на интересот за македонската литература кај читателите и кај издавачите во Руската Федерација.
Олга Панкина, за преведување и популаризација на македонската литература во Руската Федерација, во 2020 година jа доби литературната награда „Jугра“, како и наградата Златна диплома за препев на поетската книга „Пејач во кулата” од македонскиот поет, раскажувач и романописец Влада Урошевиќ , добитник на наградата „Златен витез“ на Литературниот форум во Пjатигорск во 2018 година.