Свечено доделување на признанието „Златен објектив“ на Столе Попов во Кинотеката

од admin_kult

Во Кинотеката на Македонија денеска во 12:00 часот ќе се одржи доделување на наградата „Златен објектив“ за 2024 година на доајенот на филмската уметност Столе Попов.

– Ова признание Попов го добива за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм – соопшти Кинотека на Македонија.

По доделувањето на наградата „Златен објектив“ за 2024 година, Попов ќе го претстави своето филмско творештво и работно искуство преку разговор што ќе го води Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.

Вечер, пак, во 20:00 часот ќе се одржи проекција на играниот филм „Тетовирање“ (1991).

По проекцијата на филмот, Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во Q&A-сесија водена од Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков, режисери од помладата генерација и некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.

Оваа година Кинотеката ќе воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“, наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, кинооператор и филмски архивист. Доделувањето на признанието за неговиот придонес во развојот на кинотечната дејност ќе се одржи денеска во Кинотеката.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе